Monday, November 19, 2012

СТЕПЕНИ НА НИВОТО НА СВЕСТА




СТЕПЕНИ НА НИВОТО НА СВЕСТА

Иако досега доста зборувавме за Суштината на повисоки форми на свест http://petar-luka.blogspot.com/2011/12/blog-post_4565.html )  и Свеста која егзистира во различните светови (Нивото на земјата или Материјалниот свет, Астралниот свет, Креативниот свет и Највисокиот свет или Највисокото ниво од духовни светови), сепак од практичен аспект добро би било да имаме можност да ги препознаваме различните степени на нивото на свеста кои можат да се сретнат во материјалниот свет - Земјата, која е  основа за развој на повисоките форми на свест и развој на духовните светови чија реализација е токму материјалниот свет. Секој степен на нивото на свеста има и различна манифестација на однесувањето и сваќањето на сопственото  постоење на поединецот, па често пати многу луѓе ни изгледаат „чудни’’ и тешко можеме да ги сватиме нивните принципи на живеење и однесување.
       Но најпрво да се потсетиме дека Свеста се иницира и се манифестира уште во моментот на зачетокот, и тоа како Индивидуална Свест во дадено ВРЕМЕ и ПРОСТОР, а потоа започнува процесот на индивидуализација на свеста и хармонизирање со повисоките форми на свест. Притоа, во својот развој се манифестира низ три облици или нивоа: Ниво на развој на самата свест, Ниво на развој на Вибрации и Енергии (зашто спона помеѓу Свеста и материјата е Умот кој е специфична вибраторно-енергетска творба преку кого се остварува процесот на Индивидуализација на Свеста - а како резултат на ускладувањето на вибрациите на емоциите и мислите со Свеста) и Развој на ниво на материја односно развој на физичкото тело чија форма треба да биде оптимална за оптимален развој на процесот на индивидуализација на Свеста. Притоа да не заборавиме дека Материјата и Енергијата се две појавни форми на иста стварност, но се разликуваат поради нивната густина и фреквенцијата на вибрациите.
      Од друга страна, свеста која егзистира во различните светови е различна. Спомнавме постоење на четири Нивоа на свест, иако четирите света се поделени на региони односно подсветови кои се со различно ниво на свест (како што на земјата постојат растителен и животински свет со различно ниво на  свест во секој од нив, или во истиот регион-подсвет). Значи според оваа  класификација, четирите нивоа на свест се:
    -   Спиритуално ниво на свест
    -   Ментално ниво на свест (ниво на Умот)
    -   Емоционално ниво на свест
    -   Материјално ниво на свест
Поопширно за ова пишував во постот на овој блог „Свест, Светови и Моќи„  ( http://petar-luka.blogspot.com/2012/08/3.html ).

Имајќи го ова во предвид, можеме да речеме дека поделбата на СТЕПЕНИ НА НИВОТО НА СВЕСТА е условна, но од практичен аспект е корисна за согледување на улогата на нивото на свеста во различните животни ставови и однесувања кои се манифестираат во секојдневниот живот кај луѓето, но и согледување и разбирање на промените предизвикани со промена на свеста.
      Во зависност од духовниот развој на поединецот и неговото сваќање на животот, ќе изнесам седум степени на нивото на свеста, иако постојат многу повеќе варијанти на духовниот развој во Спиритуалното, Менталното, Емоционалното и Материјалното ниво на свест.
   1.  Овој степен на ниво на свест се однесува на оние поединци кои имаат најнизок степен на духовен развој. Мислам дека е погрешно мислењето дека во овој степен спаѓаат народите кои се на многу ниско цивилизациско ниво (барем за нашиот начин на сваќање на цивилизацијата) бидејќи тоа е нивни избор – да се живее во склад со природата. Поединците со овој степен на свест ги има во сите народи, а социјалната средина, наследените особености и многу други суптилни фактори влијаат на степенот на развој на свеста кај поединецот.

   2.   Во овој степен доминира материјалниот над духовниот развој. Најголем број на луѓе припаѓаат во овој степен на развој на свеста, нивната стреќа ја гледаат во материјалниот престиж и немаат мерка во трката по материјални добра по секоја цена. Кај нив доминира Емоционалното над Менталното ниво на свест. Емоциите (а не разумот) ги водат низ животот за кого немаат јасна претстава и ги пропуштаат вистинските вредности на животот. Но овој степен на ниво на свеста е неопходен за понатамошен развој на свеста бидејќи преку материјалните искушенија ќе можат да ја сватат разликата помеѓу доброто и лошото, вистинските вредности и заблудите во животот. Овие луѓе, порано или покасно, ќе мораат да научат да размислуваат а не да го злоупотребуваат размислувањето само за рационално објаснување и оправдување на своите постапки.

   3.   Луѓето кои припаѓаат во овој степен на развој на свеста имаат силна потреба од спознавање на духовните вредности. Но потрагата по духовните вредности најчесто е макотрпна работа и долготраен процес на преиспитување за избор на вистинскиот пат до духовните свери. Сепак потрагата по духовните вредности немора секогаш да биде макотрпна работа ако постои авторитет или традиција на почитување на одредени духовни вредности. Такви се верниците кои живеат во склад со своето верско учење, независно од тоа дали нивниот избор е вистинскиот. Овие луѓе ги почитуваат духовните вредности, најчесто се смирени, рационални и добро се снаоѓаат во практичните свери во животот. Но сепак на овие луѓе им недостасува интерес за подлабоки духовни спознанија и потреба за истражување на непознати духовни свери кои се надвор од нивната верска определба.

   4.   Овие луѓе се вистински духовни трагачи. Нивната свест е на многу високо ниво а потрагата по духовните вредности е макотрпна и целосно посветена на духовниот развој и самоспознавањето. Предизвиците на материјалниот свет немаат поголемо значење во нивниот живот, а материјалните вредности само им служат и не претставуваат нивна цел. Обично се духовни учители, но истовремено се и целосно посветени на сопствениот духовен развој и развојот на другите кои имаат слични потреби.  Луѓето на овој степен на развој на свеста се емоционално уравнотежени, длабоко ја согледуваат сопствената внатрешност и често го надмудруваат својот ум кога не сака промени од кои се плаши. Нивната смисла на животот е потрагата по Универзалната љубов.

   5.  На   овој степен на развој на свеста, поединецот е во потполност ослободен од сопственото Его, односно од желбите и предизвиците во материјалниот свет.  Зрелоста и свеста која ја поседува му овозможува моќ за канализирање на интуитивните сознанија и елементарните енергии кои потекнуваат од повисоките духовни светови. Неговите дела се последица на вистинската слободна воља со која во потполност владее и ја креира сопствената судбина.

   6.  Со ова ниво на свест се стекнале мал број на лица кои постигнале  „Просветлување’’ (Самореализација, Единство со Бог, Спознавање на Бог во себе, и сл.). Нивното знаење е дирекно и искуствено. Обично се таинствени во својата работа и духовните активности кои ги посветуваат на доброто за сите луѓе во светот. Живеејќи во својот новоосознаен свет, тие се осамени и не ги пренесуваат своите духовни искуства за побрз духовен развој на другите. Можеби нивната приватност и таинственост се неопходни за нивната заштита зашто знаат дека нема да бидат правилно сватени, односно дејствувањето на највисоко ниво на свест не може да се свати и разбере кога се поседува пониско ниво на свест.

   7.   Во овој нависок степен на развој на свеста спаѓаат совршените суштества (повисоки ентитети од човечко потекло) кои поради постигнувањето на највисокото ниво на свест не се инкарнираат во материјалниот свет. Индивидуализацијата на нивната свест го постигнала највисокото ниво, и нивната потреба за инкарнација завршила. Но овие совршени суштества доброволно се инкарнирале во материјалниот свет (Земјата) за да помогнат во целокупниот духовен развој на човештвото.

***
Можеби некој се пронајде во еден од изнесените степени на нивото на свеста или пак ќе може да се пронајде помеѓу два степена, но морам поново да нагласам дека ваквата поделба е само условна и со одредена цел. Да не заборавиме дека Индивидуализацијата на свеста е континуиран процес кој се развива во различни облици и насоки, а во различен период од својот развој е различна во сите три гореспомнати нивоа низ кои се манифестира.

No comments:

Post a Comment