Sunday, August 12, 2012

Потрага-2 (ДРВО НА ЖИВОТОТ)


ДРВО НА ЖИВОТОТ

Централна точка околу која се движи целата филозофија на мудроста Кабала, е комплексниот симболички дијаграм „ДРВОТО НА ЖИВОТОТ’’.  Дрвото на животот е дијаграм на постоечките космички снаги – како во макрокосмосот, така и во микрокосмосот (човекот), и нивните односи.
            Разбирањето на Дрвото на животот е разбирање на Божјиот план за создавање на Вселената и сите видливи и невидливи светови, разбирање на природните закони кои владеат во макро и микро космосот, силите кои дејствуваат, животот во сите негови облици, разбирањето на мислите и емоциите, минатото, иднината и сегашноста.
           Дрвото на животот е тесно поврзано со Еврејската мудрост Кабала, со многуте филозофски Системи на Истокот, со Херметизмот во Западниот свет, со Тарот картите – но Дрвото, само за себе е над сите религии, филозофии и окултни учења. Тоа е универзален систем на размислување.
        Да ја разгледаме неговата структура како филозофска машина, а покасно и неговата практична примена.

Дрвото на животот има 10 СВЕРИ или СЕФИРОТИ.
         Се што постои, секој предмет или живо суштество, секој облик на енергија, космичка манифестација, мисли, емоции и сите движења, можат да се класифицираат под еден од десетте сефироти.
         Дрвото на животот претставува психолошка машина која служи за решавање на различни субјективни и практични проблеми, овозможува практичен начин на контрола на енергиите, како и постигнување на повисоки форми на свест. Всушност тоа е најсовршен психички компјутер кој е заснован во нашата подсвест преку координирани вежби на визуелизација и медитација во склад со својствата на Сефиротите и нивните меѓусебни врски и односи.
         Секој Сефирот има свое име, број, својства и магијска формула која ја побудува неговата активност (тоа се зборови кои при изговорот вибрираат на посебен начин, а тие вибрации ја активираат космичката снага инкарнирана во човекот). Сафиротите имаат и одредена боја со која работиме при процесот на визуелизација.

         Десетте Свери или Сефироти се распоредени во три столба.
Левиот столб е пасивен (столб на космички форми) а Десниот столб е активен (столб на космички снаги). Всушност такви парови на спротивности се манифестираат во целиот универзум – атомот, галаксиите, личноста на човекот, семејството, итн. Најчести парови на спротивности кои добро ни се познати се:  машко-женско, добро-зло, топло-ладно, светло-мрачно, акција-реакција, патење-задоволство, притисок-отпор и сл.
Притоа, ниедна од овие крајности на меѓусебни спротивности не е добра ако не е во хармонија со нејзината спротивност. Топлото не е секогаш добро, ниту ладното секогаш лошо. Добро е ако постои меѓусебна хармонија, а лошо е ако постои нивна неускладеност, односно нема баланс помеѓу тие две енергетски дејства. Дури и преголемата добрина не е добрина туку слабост.
       Херметизмот избегнува екстреми, тој тежнее кон Средната стаза или Стазата на мудроста. Таква стаза претставува средниот столб на Дрвото на животот, и кон таа стаза треба да тежнее нашата психа. СРЕДНИОТ СТОЛБ е хармоничен спој или дијалектичко единство на спротивни квалитети.

     
Во левиот столб се Сафиротите (Сверите)  бр. 3, 5, и 8, а во десниот столб се Сафиротите (Сверите)  бр. 2, 4, и 7.
Во средниот столб се Сафиротите (Сверите)  бр. 1, 6, 9, и 10, но и уште еден кој нема број бидејќи е во процес на психичка еволуција на човечкиот род, и сеуште не е формиран.

       Сите видови на космички енергии кои можат да се употребат преку психомагиски операции, имаат одредени психички симболи (слики) со кои се претставуваат. Преку свесна манипулација со симболите се доведуваме во положба да можеме да манипулираме со снагите чии израз се споменатите симболи.
       Гледано од аспект на макрокосмосот, Дрвото на животот ни ги претставува четирите светови односно четирите космички равнини претставени со соодветните сефироти (свери) од Дрвото:
      1. Највисок свет  ( Првата свера – Кетер)
      2. Креативен свет ( 2 и 3 свера)
      3. Астрален свет (4-та до 9-та свера)
      4. Материјални свет ( 10-та свера)
Во астралниот свет се ’ангелите’ и другите астрални суштества кои имаат свој облик. (Овие светови имаат и свои имиња, последователно – Atzilut, Briah, Yetzirah, Assiah)
          Бидејќи секој човек е микрокосмос во однос на макрокосмосот, Дрвото на животот е дадено во секој човек и само по себе, како психолошка машина, тежнее кон уравнотежување на енергиите.  Гледано од аспект на микрокосмосот, Сверите на Дрвото на животот кое го формираме во подсвеста, се распоредени на следниот начин (види ја следната слика):
Ако сакаме да постигнеме резултати, мораме во подсвеста да формираме сопствено Дрво на животот. Во системот на односи кои тоа ни ги овозможува, ќе го најдеме и клучот за вратата на мудроста и вистински контакт со космичките снаги бидејќи психичката енергија се кондензирала во висок степен зад симболите на Сверите.
        Психичките слики се упатуваат до ПОДСВЕСТА која е магијски посредник, а СВЕСТА одлучува, врши контрола и усмерување. На овој начин, сите магијски операции (бела магија) се индирекни. Вистинската операција ја врши подсвеста (подсвесен слој на духот) – работејќи со соодветни слики (психички симболи на космичките енергии).
           Покрај десетте Сефироти, постојат и 22 Стази кои ги поврзуваат Сефиротите. По овие стази се движи имагинацијата при практична работа. Нивните броеви се од 11 до 32.  Но, да преминеме на анализа на сефиротите и нивните својаства:

1.  СВЕРА-1    (КЕТЕР)
            Овој Сефирот е првиот во Дрвото на животот (бр.1), а негова боја е бојата на Сончевата светлина – блескаво бела. Асоциран е со поимите ПОЧЕТОК и КРАЈ. Тука се новите идеи, пронајдоци, нови концепции, нови организации, истражувања ...  но и случувањата во иднината, разни изненадувања, резултати, последици и се што е врзано со она што не очекува. (Магична моќ – Соединување со Бог, Значење – Круна (над се)).

2.  СВЕРА-2    (ЧОКМАХ)
          Има број 2, и сива боја. Овој Сефирот ја претставува примарната машка енергија (не само во сексуална смисла). Тоа е позитивен пол, таткото, татковскиот симбол, машкиот авторитет, претпоставениот, државата, статичкиот електрицитет, магнетизмот, екстрасензорната перцепција и сл. (Магична моќ – Разговор со Бог во директен контакт, Значење – Мудрост)

3.  СВЕРА-3    (БИНАХ)
        Има број 3, и црна боја. Овој Сефирот ја претставува пасивната (женска страна) на космичката егзистенција. Со него се асоцирани сите поими кои припаѓаат на формата, ограничувањата и рестрикциите. Тука спаѓаат ограничувањата кои ни ги наметнува полот, годините на староста, физичката состојба, финансиската состојба и слично, како и социјалните и законските рестрикции.  Всушност, овој Сефирот се однесува на на се’ што е поврзано со семејството и домот кој претставува најизразена област на женската активност.
Имајќи ги овие атрибути за третиот Сефирот, подобро е сами да ги изведеме останатите поими кои овде припаѓаат.  Но еве уште неколку поими кои интуитивно ќе не насочат: разни градби, домови, болници, наследство, антички работи, стари планови, стари луѓе, долгови и нивна отплата,  смрт, рудници, ливади, шуми, земјоделие и сл.  (Магична моќ – Визија на Тага, Значење – Разбирање)

4.  СВЕРА-4    (ЧЕСЕД)
        Овој Сефирот има број 4, и плава боја. Главниот атрибут на оваа свера е Љубовта во космичка смисла на зборот – општ развој и усовршување,  подобрување на постоечките работи, плодност, експанзија, богатство, племенитост, лекари и други професии каде доаѓа до израз љубовта како творечка, племенита и развојна сила.   (Магична моќ – Визија на Љубов,  Значење – Милост)

5.  СВЕРА-5    (ГЕБУРАХ)
        Има број 5, и светло-црвена боја.  Главниот атрибут на оваа свера е Коренита промена.  Овде спаѓаат:  енергија, одлучна и брза акција, војна, лутина, бес, брзина, деструкција, револуција, оружје, полиција, месари, кланици, хирурзи, забари, сексуална енергија, телесна виталност и снага, иницијатива, конфликти (лични и интерперсонални), критични расудувања и нивни одлуки и сл.  (Магична моќ – Визија на Моќ,  Значење – Строгост).

6.  СВЕРА-6    (ТИФАРЕТ)
       Има број 6, и златно-жолта боја.  Оваа свера Тифарет е центар на целокупната конструкција на Дрвото на Животот, а со тоа и Фактор на балансот. Процесите и предметите со кои доминира оваа свера се однесуваат на сегашноста (но никако на минати или идни активности). Главните атрибути на Тифарет се: Развој во секој поглед, живот, здравје, успех, моќ, ментални способности, имагинација, илуминација, пари, раководители и сл.  (Магична моќ – Визија на Хармонија,  Значење – Убавина)

7.  СВЕРА-7    (НЕЦАЧ)
       Има број 7, и смарагдно-зелена боја. Главните атрибути на оваа свера се емоциите (како посебен вид на космичка енергија) кои носат вистински задоволства, но не сентименталности или општествени конвенции на разни празни љубезности ( Добар ден, како сте, мило ми е што те гледам ...). Овде спаѓаат сите врсти на задоволства, уживање во уметноста, музиката, во се што е убаво, екстраваганција, луксуз, забава, мода, убава и скапа облека, накит, дијаманти, крзна, жени (но не домаќинки), козметика, парфеми, афродизијаци, социјален статус и сл.  (Магична моќ – Визија на убавините на Триумфот,  Значење – Победа).

8.  СВЕРА-8    (ХОД)
        Има број 8, и портокалова боја.  Главни атрибути на оваа свера се: Бизнис, Продавање и Купување, Спогодување и Ценкање, Договори во пишана форма, Писателски способности и пишување, Книги, Стекнување на знаења и пренесување на знаења и информации, Учење, и полагање испити, Применета наука, Психичка маѓија и сл.  (Магична моќ – Визија на Сјај,  Значење – Сјај).

9.  СВЕРА-9    (ЈЕСОД)
        Има број 9, и љубичаста боја.  Главни атрибути на оваа свера се: Чулни реакции, Психички појави, Сонови, Подсвест, Биолошки функции на животот, Личноста и цртите на личноста, Перење, Кување, Жени, Млеко и млечни производи, Промени, Флуктуации, Општа јавност.  .  (Магична моќ – Визија на „машините’’ на универзумот,  Значење – Темел).

10.  СВЕРА-10    (МАЛКУД)
           Има број 10, и повеќе бои - боја на рѓа, маслинаста, лимун-жолта, и црна боја. Оваа свера е единствена кај која ги сретнуваме четирите бои одеднаш. Тоа е поради нејзините атрибути. Имено, Сверите (сефиротите) ги визуелизираме како обоени балони со пречник од 10 до 15 см. Кога ја визуелизираме оваа свера, мора да ги визуелизираме сите четири бои. Горниот дел го замислуваме во боја на рѓа, средните делови - маслинасто и лимун-жолта, а долниот дел на балонот – црно.
Оваа свера е свера на физичкиот свет односно светот на материјално ниво на постоење. Тука е физичкото тело, предметите имотот и целокупниот физички универзум. Нашето физичко тело, како материјална стварност е извор на многу предизвици на патот кон духовниот развој и надминување на пречките кон повисоките форми на свест.
 Но најинтересно својство (атрибут) на оваа свера е Процесот на материјализација, односно преминот на апстрактните предмети, идеи и желби – во стварност.  (Магична моќ – Говор со  ангели,  Значење – Kralstvo)


СВЕРА- ДААТ  
         Оваа свера нема број, а бојата и е Сребрено-Сива.  Главните атрибути на оваа свера се:  Интуиција, Синтеза, Инспирација, Решавање апстраккни проблеми, Апстрактна математика и др.


ДА ЗАКЛУЧИМЕ:

1. Дрвото на животот е сржта на целокупната филозофија и практичната примена на мудроста КАБАЛА. Тоа верно ги претставува односите на космичките снаги во човекот и универзумот.

2. Дрвото на животот служи за Класификација на окултните знаења и како Психолошка машина за развој и решавање на практични проблеми.

3. Дрвото на животот има 10 Свери или Сефироти во кои може да се класифицира се’ што постои во универзумот и човекот како физичка и духовна творба. Секоја Свера има своја Боја, Број и Магијска формула со која се активира.

4. Сверите на Дрвото се распоредени во три столба. Во практичната примена најважен е Средниот Столб, кој претставува Столб на Рамнотежа помеѓу екстремни манифестации.

5. За да би постигнале практични резултати, мораме во сопствената подсвест да го формираме Дрвото на Животот. Со дадените објаснувања и вежби, ќе го постигнеме Процесот на визуелизација на Сверите во одредени зони на нашето тело.

6. Сверите се поврзани со 22 Стази ( од 11 до 32).

7. Потребно е да се научат напамет Бројот, Бојата и Магиската Формула на секоја Свера, како и нејзините атрибути (својства, особености) кои по логика можат и да се прошируваат. Магиската формула не се изговара на вообичаен начин, нејзиниот изговор е вибрационен процес кој покасно ќе биде објаснет.
Петар Лука

No comments:

Post a Comment