Monday, November 12, 2012

ДАЛИ СМЕ ЖРТВА НА САМИТЕ СЕБЕ?



ДАЛИ СМЕ ЖРТВА НА САМИТЕ СЕБЕ?

(или: Спознај се самиот себеси! - II-дел)
           
 Се додека не ја сватиме врската помеѓу внатрешните мисли односно нашите верувања и случувањата во нашиот живот, можеме да бидеме само несвесна жртва на самиот себе. Ако сакаме позитивни промени во нашиот живот – мораме да се промениме.
         Каков и да е проблемот кој не оптеретува (финансиски проблеми, проблеми на работа, здравствени проблеми, немаме доволно пријатели, постојано сме искористувани од други, лоши меѓучовечки односи, неправди кои ни се нанесуваат и сл.), тој е само надворешна последица на нашиот начин на размислување. Но, начинот на мислење може да се промени.
 Она во што веруваме обично е мислење на некој друг, сме го стекнале во минатото и сме го вклучиле во нашиот систем на верувања. Затоа време е за промени. Сегашните мисли ќе ги создаваат нашите идни искуства, а зборовите кои ги изговараме – ќе ги покажуваат нашите внатрешни мисли.
        Како илустрација на некои наши погрешни однесувања и размислувања, ќе изнесам два примера преку кои можат да се согледаат одредени наши предрасуди и животни ограничувања кои самите си ги поставуваме иако неповолно влијаат на нашиот живот. Многу често во секојдневниот говор ги употребуваме зборовите  Јас треба ...’’ или Јас морам ...’’, а тоа асоцира на немање на избор односно глаголот „треба’’ или „мора’’ не присилува нешто да направиме, иако за правилна постапка ни е потребна можноста за избор. Ако немаме избор, постои поголема веројатност за погрешно постапување... Обично на прашањето Зошто? , одговорот може да биде: - Затоа што мојот татко сака да ..., Затоа што морам тоа да го направам ..., Бидејќи неможам повеќе да издржам ...,Бидејќи сум преслаб, Не сум способен за ... и сл. Ваквите одговори ги откриваат предрасудите и животните ограничувања на личноста, а често пати се критикуваме самите себе и поради работи кои не сме ги направиле, иако тоа не била наша идеја или воља. Обично тоа било нешто што некој друг рекол дека треба да го направиме.
Следниот пример со кој ги откриваме животните ограничувања и негативните искуства во нашиот живот, се однесува на асоцијациите добиени од одговорите на речениците започнати со Да стварно сакав .... На прашањето „А зошто не?”, се добиваат следните најчести одговори: - Не сакав, Се плашам, Не знаев како, Требаше многу да учам ... и сл. Како што гледаме, многу луѓе со години се оптеретени со тоа што нешто не направиле, а всушност и не сакале тоа да го направат.
Но најголемите наши проблеми во животот доаѓаат од недостаток на самодоверба.

КАКО ДА ПОЧНЕМЕ СО ПРОМЕНИТЕ?

За да ги согледаме причините за негативните уверувања, потребно е да направиме големо ментално припремање. Затоа да го преиспитаме нашето минато малку подобро и да погледнеме кои уверувања не водат низ животот. Секако дека ваквиот пристап за многумина од нас е болен, но ние мораме да погледнеме што можеме да поправиме, што можеме да исфрлиме и што ќе зачуваме од нашето минато – на сличен начин како што тоа го правиме при генералното чистење во нашиот стан. Ќе ги прегледаме сите ствари, некои ќе ги зачистиме од прашината и ќе ги сочуваме, некои ствари кои не ни се повеќе потребни и ни пречат – ќе ги исфрлиме, а некои пак ќе мораме да ги поправиме зашто ни се драга успомена. Нашата ментална куќа мора да биде чиста и уредна како и нашиот стан. Не смееме да се вознемируваме ако некои уверувања мораме да ги исфрлиме. Ако некои мисли или уверувања не ни користеле и ни создале непријатни искуства, мораме што побрзо да се ослободиме од нив за да можеме да создаваме нови искуства.
 Но да погледнеме некои уверувања кои би можеле да не ограничуваат, да размислиме од каде тие доаѓаат и како треба да постапиме за да ги надминеме негативните искуства со нив.
1. Ограничувачко уверување: НЕ СУМ ДОВОЛНО ОДГОВОРЕН
     Постојат многу причини за ваквото уверување, но овде ќе наведеме еден конкретен пример. Ако таткото инсистира неговиот син да го заврши факултетот за да може да се гордее со него, синот е под постојан притисок и секој негов неуспех наидува на критики од неговиот татко кој ги финансира студиите. Синот почнува да чувствува грижа на совеста и огорченост, а неговите неуспеси стануваат се почести. Секако, во овој случај најголем губитник не е таткото туку синот кој чувствува грижа на совеста и е уверен дека не е доволно одговорен и добар.
  2. Ограничувачко уверување:  НЕДОСТАТОК НА САМОДОВЕРБА
     Бидејќи многу уверувања кои се ограничувачки за личноста потекнуваат од детството, и овој пример ќе го земеме од тој период на развојот. Таткото и синот се во постојани недоразбирања, синот очекува подршка од таткото (бидејќи сепак таткото е авторитетот) но добива само критики. Синот има различни болки во телото, но не сваќа дека тие потекнуваат од потиснатиот бес. Но и таткото пати, ги има истите симптоми и не сваќа дека бесот е причина за неговите болки.
  3. Ограничувачко уверување:  ЖИВОТОТ Е ПРЕПОЛН СО ОПАСНОСТИ
     И ова ограничувачко уверување најчесто потекнува од детството или раната младост ако еден или двајцата родители биле уплашени од животот. Но истото може да се стекне и покасно при осамостојувањето, ако за подолг период се преживувани повеќе опасности кои создале вакво уверување.
4. Ограничувачко уверување: НЕ СУМ ДОВОЛНО ДОБАР
   Ако личноста во текот на детството била запоставувана поради нездравиот брак меѓу родителите кои биле преокупирани самите со себе и имале постојани расправии, ако останувала често осамена и препуштена самата на себе, ако притоа тргнала по лоши патишта (дрога, алхохол, коцка) поради запоставеноста од родителите, нормално е во таа личност да се развие уверување дека не е доволно добар бидејќи се чувствува напуштен и заборавен.
5.  Други ограничувачки уверувања поради негативни пораки од средината.
          За да се ослободиме од нив мораме добро да се замислиме и да обрнеме внимание на се’ што негативно влијаело на нас, односно какви све негативни пораки сме добивале:
     - од родителите кога не критикувале и која била причината, што зборувале за нас, за нашето тело, за љубовта, за врските, за парите, за нашите способности ...
     - од роднините, другарите, наставниците, луѓето кои за нас биле авторитети и сл.
     - од нашите постари браќа или сестри кои често пати не омаловажувале, не злоупотребувале или ни се закануваке дека за нешто ќе не кажат на нашите родители.
За сите негативни мисли треба добро да размислиме, да сватиме од каде потекнуваат нашите негативни уверувања и да ги исфрлиме од нашата подсвест.

       Многу е важно да сватиме дека сите тие луѓе кои ни ги всадиле негативните уверувања, го правеле тоа според нивното разбирање, свесност и знаење кое го имале. Ако и понатаму ги окривуваме, само ја префрламе одговорноста од себе. Окривувајќи ги другите, само ја губиме својата енергија и остануваме жртва до крајот на животот. Разбирањето на другите ни овозможува да го решиме проблемот и да преземеме контрола над својата иднина бидејќи минатото не може да се промени, а иднината ја определуваат нашите сегашни размислувања.


ДАЛИ СЕТО ОВА Е ВИСТИНА И РЕАЛНО?

    Ако се запрашаме дали ова е вистина и реално, одговорот може да биде ДА – ако веруваме дека е вистина, или НЕ – ако веруваме дека не е вистина. Одговорот може да биде различен во зависност од тоа како ние гледаме на работите.  Како што оптимистот и песимистот гледаат различно на иста работа, така и сите ние имаме право да избереме едно од можните различни мислења кои произлегуваат од нашето убедување. Но најчесто (за жал) ги одбираме истите мисли како што мислат другите, мнозинството, нашите родители или пријатели. Сигурно е дека тешко можеме да искажеме поинакво мислење од мислењето на средината бидејќи однапред сме свесни дека ќе бидеме неприфатени и отфрлени од истата средина. Но да не заборавиме дека големите дела и научни откритија биле создадени од луѓе кои биле неприфатени од средината, изложени на подсмев и прогласувани за „чудни„.
     Сeшто ќе одбереме да мислиме, постанува вистина за нас. Бидејќи нашите мисли можат да бидат различни, и нашите животи, искуства и убедувања можат да бидат многу различни. Затоа да ги преиспитеме своите мисли и да не дозволиме надворешните негативни влијанија и случувања во нашиот живот да извршат промена на нашата определба за користење на моќта на позитивните мисли. Секој почеток е тежок, негативните случувања нашле потпора во нашите сомневања во нашата определба, но порано или покасно (кога ќе исчезнат сомневањата во нашата определба), се ќе си дојде на свое место. Позитивните промени во нашиот живот ќе станат стварност.
     Се додека не ја сватиме врската помеѓу внатрешните мисли односно нашите верувања и случувањата во нашиот живот, можебе да бидеме само несвесна жртва на самиот себе.

КАКО ДА СЕ ПРОМЕНИМЕ?

Многу луѓе, по неуспесите на разни полиња во животот, се разочаруваат, се повлекуваат
во себе или пак се лутат на себе и светот околу себе. Притоа се откажуваат од секакви активности за промена на постоечката состојба и не веруваат во ништо што би можело да изврши промени во нивниот живот. Но надеж мора да постои, ништо не е вечно и непроменливо. Излез од таквата ситуација постои, но треба да одлучиме да го побараме. Сите сакаме подобар и поуспешен живот, но не сакаме самите да се промениме. Повеќе би сакале да ги промениме другите околу нас и нивното однесување со нас – но тоа е невозможно ако не почнеме со нашите внатрешни промени, нашиот начин на размислување, нашите изговорени мисли и нашето однесување.
Но ние се плашиме од промени или сме тврдоглави и даваме голем отпор на промените на својот начин на размислување. Дали треба и понатаму да продолжиме со нашата тврдоглавост или веќе сме свесни дека промените се неопходни за да го добиеме она што го сакаме од животот? 

За да започнеме со промените мораме најпрво да се убедиме дека тоа го сакаме. Ако сме се одлучиле, можеме да ги започнеме промените со разни методи, но сите тие методи се сведуваат на три можни пристапи: ДУХОВЕН, МЕНТАЛЕН и ФИЗИЧКИ ПРИСТАП (промени на духот, умот и телото). Најчесто се започнува со духовниот пристап (како што се медитацијата или молитвата), но многумина започнуваат со менталниот пристап или (ако западнале во поголема криза) бараат помош од психијатриски третмани. Ако постои желба за промена и личен развој, тогаш секоја промена со која сме започнале ќе води кон друга промена за која и не сме биле свесни дека постои и позитивно влијае на нашиот развој. Така, ако сме започнале со духовниот пристап, набргу ќе сватиме дека видот и количината на храната која ја внесуваме во нашиот организам битно влијае на нашето физичко здравје, изглед и нашите чувства кои влијаат и на нашите мисли. Секако дека овие сознанија можеме да ги стекнеме и на разни други начини.

ВНАТРЕШНИ ОТПОРИ НА ПРОМЕНИТЕ
         
         Кога веќе сме се одлучиле да го промениме својот начин на размислување, се појавува силен внатрешен отпор поради старите заблуди. Но и нестрпливоста односно  очекувањето да се промениме одма, е причина за таквиот отпор. Иако процесот започнува во оној момент кога почнуваме да размислуваме за промените, потребно е време за учење на новите лекции за промените кои ги очекуваме. Ако сакаме да преминеме во другата соба, потребно е да станеме од столицата и да направиме неколку чекори до другата соба, но не и понатаму да седиме и посакуваме да се најдеме во другата соба – што не е можно, како што неможеме да се решиме од проблемите ако не ги направиме оние неколку чекори кои ќе не доведат до решение. Затоа потребна е СВЕСНОСТ за својата одговорност за создавање на ситуации или состојби кои не водат кон целта. Во минатото несвесно сме создавале и искуства кои негативно се одразувале врз нашиот живот, но сега кога ја прифаќаме одговорноста за она што ни се случува, мораме во себе да ја препознаеме снагата која нашите мисли ги претвора во наши искуства и свесно да ја користиме за позитивни случувања во нашиот живот.
        Нашите постапки често ги откриваат нашите отпори со кои треба да се соочиме и да ги надминеме. Ваквите постапки кои се манифестираат во различни ситуации, можат да бидат: напуштање на просторијата, нагла промена на темата, често одење во ВЦ, чувство на мачнина, одолговлечување со некоја активност (чувство на отсутност, правиме нешто што не е битно, правиме грешки или штети поради невнимание) и сл. Притоа, често претпоставуваме некои работи за да ги оправдаме своите отпори (нема ништо да променам со тоа, не вреди толкав труд, тие не можат да ме сватат, нема да прифатат бидејќи не им одговара, времето ќе покаже дека сум бил во право, мојот случај е поинаков од другите, и сл.).
       Соочувањето со отпорите преку самопосматрање, пратењето на нашето спротиставување и продолжувањето со менталните промени, ни овозможуваат брзо прифаќање на позитивните промени во нашиот живот.
***
Иако досега посебен акцент беше ставен на стекнатите уверувања како причина за отпор и тешко прифаќање на промените, овде ќе истакнеме уште неколку фактори кои пружаат отпор на позитивните промени:  

   - Користење на изговори за да се спротиставиме на промените ( несмеам да отсуствувам од работа, ја немам книгата да ја прочитам, докторот ми забрани да се заморувам, немам соодветен алат, сеуште не е време за тоа, сега звездите не ми се наклонети и сл.)
   - Користење на некои концепти за себе, за да избегнеме промени (престар сум за тоа, премлад сум, предебел сум, премногу глуп, премногу сиромашен, многу неозбилен и сл.)
   - Тактика на одложување на промените ( ќе почнам од следната година, сега немам време, презафатен сум за да размислувам сега за тоа, прекасно е за тоа, и сл.)
   - Одбивање на потребата за промена ( се е во ред со мене, јас немам никакви проблеми, ништо не можам да променам, и сл.)
   - Страв од промени и неизвесности. Ова е една од најчестите причини за отпор (можеби нема да успеам, сеуште не сум подготвен за тоа, што ќе мислат луѓето за мене, тешко поднесувам промени, можам да ги изгубам пријателите, и сл.)

ЗОШТО НЕ СМЕ ДОСЛЕДНИ НА СВОИТЕ ОДЛУКИ ЗА ПРОМЕНИ?

     За сите наши навики, за искуствата кои ги доживуваме и истите шеми на однесување кои ги повторуваме, постои потреба во нас која е во согласност со нашите уверувања. Постои нешто кое е всадено во нас и не насочува кон користење на исти навики, исти доживувања и однесувања кои ни носат исти искуства. Да се запрашаме само колку пати сме се одлучиле дека ќе престанеме со пушењето, дека нема повеќе да дозволиме да не искористуваат, дека нема повеќе да навредуваме или да се лутиме, дека нема да си дозволиме да се прејадуваме или пијанчиме, дека нема да залетуваме во штетни љубовни врски или непроверени пријателства ... и многу други одлуки за промена на нашето однесување, а сепак не сме останале доследни на нашите одлуки.
Секако дека непочитувањето на нашите одлуки од наша страна остава негативни последици врз нас – се прекоруваме дека не сме доследни и немаме доволно дисциплина, снага и воља  да издржиме, а со тоа ја зголемуваме нашата грижа на совеста.
      Но тука изледа грешиме. Се’ она од што покушуваме да се ослободиме во нашиот живот, е само последица која поново се појавува кога ќе попушти нашата воља. Затоа потребно е да ја откриеме причината, а таа нема никаква врска со снагата, вољата или дисциплината. Веќе рековме дека за нашата состојба и постојаното исто однесување постои потреба во нас. Ако нема потреба, ќе нема ни желба за пушење цигари, за земање на преголеми количини на храна и сл. Но како да се ослободиме од потребата што постои во нас?
 Мораме да сватиме дека сме створиле мрежа на ментални услови во себе, а за да се ослободиме од менталните стеги кои не ни дозволуваат да ги спроведеме одлуките за саканите промени - мораме да ја расплетеме таа мрежа.  Менталните услови ги штитат создадените потреби во нас, а се спротиставуваат на нашите одлуки за промени бидејќи тие не се во согласност со нашите уверувања.
       За да ја промениме причината (менталните услови во себе) и за да ја имаме посакуваната последица, мораме да бидеме стрпливи и внимателни. Пред се, треба да се сакаме самите себе – а тоа е услов за да почнеме со промените на се’ што е старо или да извршиме свесно преиспитување на менталните услови во себе и да ги промениме во согласност со новите сознанија. Новите сознанија создаваат нови мисли, а новите мисли – нова реалност. Така, ослободувањето од проблемите кои имаат негативно влијание во нашиот живот, ќе можеме да го постигнеме  само ако новите мисли и искуства создадат  доволно силен надворешен ефект кој ќе изврши промена на менталните услови во себе. Ако се сакаме самите себе, тогаш знеме дека љубовта према себе создава чувство на сигурност и доверба во себе. Самопочитувањето и сигурноста се предуслов за позитивните промени во нашиот живот (ги рушат старите ментални услови во себе, а со тоа исчезнува потребата во нас од негативните навики од кои сакаме да се ослободиме). Сега, кога причината исчезнала (старите ментални услови во себе), нашата воља, снага и дисциплина ќе бидат доволни да се ослободиме од се’ она за кое мислиме дека негативно влијае врз нашиот живот, а со тоа ќе се ослободиме и од грижата на совеста која се јавуваше кога не успевавме во нашите намери за позитивни промени.

ДА ПОГЛЕДНЕМЕ НЕКОЛКУ НАШИ УВЕРУВАЊА И ОДНЕСУВАЊА:

    - Ако немаме доверба во сопствените способности  односно ако нашето уверување е дека не ќе можеме сами да ја завршиме некоја работа, тогаш надворешната манифестација на тоа уверување ќе биде постојаното одолговлекување со започнување на таа работа. Со тоа губиме многу време и енергија, ќе се окривуваме поради нашето одолговлечување, ќе се навредуваме самите себе и ќе се чувствуваме безвредни. Вреди ли тоа? Какви чувства и мисли имаме, такви промени и заслужуваме.
     -  Ако сме исполнети со завист према другите, никогаш не можеме да се радуваме кога другите се среќни. Нашите коментари обично ќе бидат „ Ќе бидам среќен кога и јас би го имал тоа’’, или пак „О, зошто тоа никогаш мене не ми се случува’’. Таквите негативни чувства и мисли никогаш нема да ја привлечат среќата. Зависта ја кочи личноста во личниот  развој и позитивните промени.
     - Самодовербата не тера напред, ни дава храброст, упорност, сила и моќ, не дозволува колебање, има позитивен приод кон целта и овозможува креативност и успешно завршена работа. Ова е добар пример за врската помеѓу внатрешните мисли односно нашите верувања и случувањата во нашиот живот.
    - Самокритиката некогаш помага за да ги согледаме своите слабости и да се ослободиме од грижа на совеста, но не смееме да дозволиме таа да завладее со нас бидејќи негативно влијае врз нашиот живот. Причините можат да бидат од различна природа, но последиците обично се лоши мисли, одложување на некои работи и мрзливост. Менталната енергија треба да ја насочиме на ослободување од стариот начин на размислување и создавање на нов начин на размислување. Ако стекнеме самодоверба, тогаш работите ќе се променат. Затоа да не го губиме времето во самокритика за она што не сме можеле да го избегнеме, бидејќи тоа сме го направиле поради внатрешните уверувања кои сме ги имале и кои не навеле на тоа. Да ги промениме таквите уверувања зашто мислите можат да се менуваат. Потребна е само спремност да се ослободиме од начинот на размислување кој создава такви ситуации. Ако често се критикуваме и омаловажуваме, треба да се запрашаме кого го малтретираме и кон што водат негативните мисли? Да, негативните мисли водат кон негативни случувања во нашиот живот.

ПРИНЦИПИ НА КОИ ТРЕБА ДА СЕ СЕ ПРИДРЖУВАМЕ

Сите теории се бескорисни, ако не знаеме како да ги користиме. За да внесеме позитивни промени во нашиот живот, мораме да научиме како да ги користиме нашите сознанија, од каде да почнеме, што треба да промениме, колку време е потребно за да завладее повратниот позитивен ефект на нашите промени, на кои принципи треба да се придржуваме ... Најверојатно и самите заклучивте дека се’ е индивидуално и зависи од самите нас, но мораме да се придржуваме на принципите на дејствување за успешна реализација на нашата цел: 

-          Негување на спремност да се ослободиме од минатото.
-          Контрола на умот. Нашите стари мисли се минато, единствено сегашните мисли можеме да ги контролираме – а тие ја креираат нашата иднина.
-          Опростување на себе и другите околу нас кои не повредиле. Тоа го ослободува нашиот ум и енергија која можеме да ја користиме за креативни цели.

Притоа мораме да бидеме свесни дека при ослободувањето од одреден начин на размислување односно при секоја промена се јавува отпор кој треба да го совладаме. Понекогаш, ослободувајќи се од некоја лоша навика (пр. пушењето) ќе ни се појават многу други поприотитетни проблеми кои треба да ги решаваме. Но тогаш можеме да сватиме дека некои лоши навики се последица а не причина. Ослободувајќи се од причината, се ослободуваме и од несаканите последици.  Затоа е потребна силна воља и упорност да продолжиме со реализација на нашата желба за позитивни промени. Притоа не мораме секогаш да знаеме како да продолжиме. Ако имаме воља и верба дека ќе успееме во нашите намери, нашата подсвест (или универзална интелигенција) ќе пронајде начин како тоа да го направи. Нашите мисли кои сега не преокупираат и зборовите кои ги изговараме, создаваат последици кои ја креираат нашата иднина.

No comments:

Post a Comment