Monday, January 16, 2012

ПРАВО НА ИЗБОР или СУДБИНА?



       Оваа тема (иако блиска за нашите простори) претставува една од најдискутабилните теми, која со својата актуелност, личните искуства и влијанието на разни тумачи на нејзината суштина (пред се верските заедници), постојано не става во дилема: - Дали нашите животни патишта се одвиваат според нашиот избор (право на слободна воља), или пак се е однапред предодредено (судбина).
     Кога работите се случуваат во согласност со нашите желби, тогаш се вели дека тоа е слободна воља, односно дека тоа е исполнување на нашето право на избор. Кога мислите и желбите се во спротивност со тоа што се случило, тогаш велиме дека тоа е судбина - како нешто на кое ние не можеме да влијаеме, нешто што е предодредено од некоја виша сила и без никакво учество од наша страна.
     Во христијанството, на овие поими се гледа малку поинаку:  Бог ни дал право на избор - или ќе одиме по Божјиот пат (според принципите на Библијата) и ќе ја заслужиме Божјата милост за вечен живот, или ќе живееме надвор од Божјите закони, препуштајќи им се на недозволените овоземски задоволства.
     За повеќето различни Христијански верски заедници (нема да ги наречам секти, бидејќи секоја од нив за себе смета дека е онаа вистинската која доследно ја применува Библијата и оди по Божјиот пат), судбина не постои. Според нив се зависи од нас и нашиот избор. Иако Стариот Завет (првата книга од Библијата, пред раѓањето на Исус) изобилува со разни пророчанства (нешто кое ќе се случи во иднина, а е однапред предодредено) кои се исполнуваат, но сепак во Новиот Завет се бара основата за негирање на судбината преку поуките на Исус за лажни пророци кои ќе се јават после него и на кои не треба да им се верува.  Бидејќи ова е премногу долга и дискутабилна тема, можеби нешто ќе напишам во следните постови.
     Секој од нас живее со своето лично уверување кое е одраз на нашето еволутивно ниво односно нивото на нашето спознание. За некои судбината се сведува на "слобода на изборот", а за други судбината одредува се, па дури и правото на избор. Оние кои се бават со прорекување на случувања во иднината, уверени се дека никогаш и ништо не е случајно. Меѓутоа најголем дел од нив своите уверувања ги темелат на природните законитости кои се универзални, а нашето спознание е ограничено само на мал број на природни закони кои ги знаеме и применуваме. Најчесто, дури и при нашето право на избор, правиме грешки и го избираме лошото место доброто за нас - поради непознавање на универзалните природни законитости.
      За да си помогнеме, некои законитости кои ни се познати, мораме да ги почитуваме и применуваме. Еден од најтемелните закони на животот е Законот за  меѓусебната поврзаност на ПРИЧИНАТА И ПОСЛЕДИЦАТА. Причината и последицата се основа на се. Животот е причински поврзан - ако створиме причина, се јавува и последица. Ако причината е семето кое сме го посадиле, растението ќе биде последицата. ПРИЧИНАТА И ПОСЛЕДИЦАТА се најцврстата врска со целокупниот процес на живеење. Од ова можеме да заклучиме дека последицата (квалитетот на нашето живеење) е резултат на причината која ја предизвикала таа последица (која некогаш може да биде одраз на нашето дејствување за да створиме таква причина, но некогаш причината може да биде независна од нашата воља). Значи, и кога постои судбина (произлезена од причини на кои ние не сме можеле да влијаеме), ние можеме да делуваме за делумна или целосна промена на таа судбина, со создавање на причина за поволна последица по нас.
      Можеби горното објаснување е логично и поприфатливо за нашето свесно дејствување, но подобри резултати можат да се постигнат ако прво ја создадеме последицата а причината ќе ја прати таа последица. На прв поглед абсурдно, зар не? Но да се доближиме до суштината: - Ако сме среќни, ако имаме позитивни мисли и очекувања - ќе се создадат причини за да се оствари нашето расположение и позитивни очекувања (зарем ова не ни личи како да е извадено од „Моќта на подсвеста’’). Но ова да го поткрепиме со реален и пологичен пример: - Кога астролозите го прават хороскопот, всушност го забележуваат минатото. Светлоста која доаѓа од звездите, доаѓа од минатото бидејќи поминува огромни растојанија (од Сонцето до земјата стигнува за околу 8 минути) кои можат да се мерат и со илјади години. Во меѓувреме, звездата која ни ја праќа таа светлина можеби престанала да постои или ја променила својата положба која се мери според добиената светлина од неа. Со ова всушност астролозите иднината ја бараат во минатото. Низ последицата (која овде претставува наталната карта или хороскопот), астолозите покушуваат да проникнат во причината за животните случувања во иднината.

        Во рамките на сите религии имало „осведочени пророци’’ и верување во судбина, а посебно изразено на Исток, каде доминираат Исламот и Будизмот. Многу записи зборуваат за точни претскажување за судбини на различни народи или поединци (најчесто владетелите). Најпознати се Питијините пророчанства, Делфиските пророчанства, Пророчанствата на Нострадамус ... Но исто така е познато дека со овие пророчанства често пати се манипулирало од различни политички и економски причини.

       На крај како заклучок: 
           Ние имаме право на избор или слободна воља преку која можеме да влијаеме на иднината, но треба да ги познаваме природните законитости и да направиме правилен избор. ЗА СЕ ШТО СЕ СЛУЧУВА ПОСТОИ ПРИЧИНА, А СЕКОЈА ПРИЧИНА ИМА СООДВЕТНА ПОСЛЕДИЦА. 
        ЗАКОНОТ ЗА МЕЃУСЕБНАТА ПОВРЗАНОСТ НА ПРИЧИНАТА И ПОСЛЕДИЦАТА Е УНИВЕРЗАЛЕН ЗАКОН И НИКОГАШ И НИШТО НЕ Е СЛУЧАЈНО.

No comments:

Post a Comment